| Укинат германскиот закон за блокирање на интернет |
|
|
|
| 20.12.2011 |
|
По повеќе од две години дискусии и спротивставување, на 1 декември 2011 година, германскиот парламент конечно донесе одлука да се откаже од Актот за спречување пристап, односно законот со кој се предложува блокирање на пристап до веб-сајтовите за кои се смета дека содржат детска порнографија. Германската влада веќе ја зема предвид одлуката во април 2011 г., откако Законот се покажа како неефикасен во неговата првична цел - борба против детската порнографија и откако наиде на големи спротивставувања од страна на активистите за слобода. Петицијата на интернет за укинување на законот ја потпишаа 130.000 лица. Одлуката да се блокираат таквите веб-сајтови беше „неефикасна, контрапродуктивна и го претставуваше почетокот на цензурата на интернет“, соопшти Chaos Computer Club, член на ЕДРИ. Со законот се бараше од интернет-провајдерите да го забранат списокот со веб-сајтови кои се сметаат за „сомнителни“ од Државната канцеларија на криминалната полиција. Како и во други случаи, мерките за блокирање се покажаа како лесни за заобиколување, а со самото тоа и неефикасни. „Блокирањето на интернет е бесмислено. Ми требаат само околу пет минути за да го ре-конфигурирам мојот интернет-пребарувач ако сакам да го видам тој материјал“, рече програмерот и член на Пиратската партија, Стефан Урбах. Според голем број експерти, единствениот ефикасен метод е бришење на содржините. „Со години, интернет-индустријата работи на постојано подобрување на успешното бришење. Тука спаѓа обезбедување на докази за кривично гонење, како и меѓународна соработка. Сега, потребни ни се само неколку дена за да ги симнеме нелегалните содржини од интернет“, изјави Оливер Сјум, заменик-претседател на германското здружение за интернет-индустрија. Според министерот за правда, Лојтесер Шнаренбергер, германската одлука за укинување на Законот за спречување пристап ќе влијае на одлуките што се носат на европско ниво. Следниот чекор треба да го направи Државниот совет кој треба да го прифати законот, претседателот да го потпише, а потоа истиот да се објави во германскиот службен весник.
Извор: ЕДРИ-грам „German web blocking law repealed“ 14 декември, 2011. |